Во Јагодина вечерва се одржа митинг по повод основањето на Движењето за народот и државата, на кој српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е трогнат од бројот на луѓе кои се собрале да ја изразат својата желба да ја заштитат и зачуваат Србија, пренесува Анадолија.
Ова е собирот на Вучиќ кој го одржува за да се спротивстави на протестите и штрајкот предводени од студентите. Насобраните извикуваа пароли „Ацо, Србине“ и „Не се откажуваме од Србија“, а Вучиќ им се заблагодари на сите што пристигнаа во Јагодина.
-За малку ќе заплачев кога видов толку многу луѓе кои сакаат да ја бранат Србија. Нашиот народ знае, Србија знае како е нападната денес и од надвор и од внатре. Народот знае кога е време да ги поддржи оние кои се бореле за Србија. Тие го притискаат нашиот народ во Косово, се обидуваат да ги протераат Србите – рече Вучиќ.
Тој додаде дека, според него, оние кои ја ограбиле Србија сега сакаат да ги користат децата за да ја вратат власта.
-Прекрасно е да се биде претседател на Србија. Нема ништо поубаво на светот – рече Вучиќ, нагласувајќи дека на основците и средношколците место им е во училиштата.
Тој ги повика студентите на дијалог, барајќи од нив јасно да кажат што не е исполнето за да се остварат нивните барања.
-Ве молиме дојдете и кажете ни кое од четирите барања што ги поставивте не е исполнето – рече тој.