Најавениот прекин на испораките на гас од Азербејџан за Србија нема да се случи, објави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ. Во објава на својот профил на Икс, Вучиќ информира дека бил известен од властите во Азербејџан дека и покрај објективните пречки, нема да прекине испораката на гас за Србија.
„Нашите браќа и пријатели од Азербејџан тукушто ме информираа дека, без оглед на објективни проблеми предизвикани од виша сила, нема да има прекин на гасот за Србија. Бескрајна благодарност до Азербејџан и претседателот Илхам Алиев, кого со нетрпение го очекувам наскоро во Белград“, пишува Вучиќ на Икс.
Пред околу од 24 часа, српскиот претседател на прес-конференција рече дека Србија повеќе нема да може да смета на 1,7 милиони кубни метри гас од Азербејџан, колку што оваа земја ѝ испорачува на дневна основа.
Србија потпиша договор со Азербејџан за снабдување со природен гас во септември 2024 година, како дел од напорите за диверзификација на изворите на снабдување и намалување на зависноста од рускиот гас, на кој доминантно се потпира повеќе од четвртина век.