Вучиќ: Не сме среќни поради воспоставувањето дипломатски односи меѓу Израел и Косово

by fokus

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Париз изјави дека Белград воопшто не е задоволен од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Израел и Косово и дека тоа нема да влијае позитивно на односите на Србија со Израел.

-Тоа се очекуваше шест месеци, затоа во Вашингтон (4 септември) не сакавме да го потпишеме документот заедно со Албанците и Американците. Не сакавме да го охрабруваме тоа, туку да го охрабриме Израел да не го стори тоа, но Израел избра дека Америка им е најважна. Тоа нема позитивно да има влијание врз нашите односи, но отвора некои други перспективи за кои не би сакал да зборувам сега, изјави Вучиќ за ТВ Пинк.

По средбата со претседателот на Франција, Емануел Макорон, Вучиќ оцени дека по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Израел и Косово, ниту една муслиманска земја нема да сака да ја признае независноста на Косово.

Вучиќ наведе дека Србија сега ќе почека да види дали Приштина ќе го почитува својот дел од договорот од Вашингтон и дали ќе дозволи изградба на пруга од Приштина до Мердаре (административна граница на Косово и Србија).

-Целиот трик е дека тие сакаат да изградат пруга преку Косовска Митровица, Лепосавиќ и Звечан со Краљево и Рашка со цел да ги преземат српските железници на северот на Косово. Баравме и пат и пруга од Приштина до Мердаре, нив тоа не ги интересира, бидејќи тука нема српска железница што би можеле да ја земат, кажа Вучиќ.

Тој рече дека Србија сега чека на поделба на енергетските ресурси на езерото Газивода со Косово, врз основа на договорот од Вашингтон, бидејќи Белград „во моментов нема ништо“ од Газивода.

Поврзани новости