Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска најави дека изборите во Србија ќе се одржат многу брзо, за три или шест месеци, а најдоцна за седум месеци. Тој пред новинарите во Будимпешта, каде што е во дводневна посета, изјави дека локалните и покраинските избори се регуларни, а најверојатно ќе се одржат и парламентарни избори.
Вучиќ, коментирајќи ја изјавата на потпретседателката на Партијата за слобода и правда, Мариника Тепиќ, дека владата во Белград веќе паднала „само не го знае тоа“ и дека поради кукавичлук не распишал избори во Белград, нагласи дека „сто пати“ ја прашал опозицијата кога сакале да одржат избори.
-Па, ова не е фонтана на желби, да барате избори во Белград. Многу брзо ќе има избори. Дали за три или шест месеци, избори сигурно ќе има во следните шест до седум месеци – порача тој.