Претседателот на Србија, Александар Вучиќ по враќањето од Брисел и неуспехот од разговорите, во обраќање до нацијата вечерва изјави дека врз основа на разузнавачките податоци ситуацијата е на работ на конфликт и додаде дека неговото барање до Србите на Косово е да се обидат да го зачуваат мирот. Вучиќ посочи и дека на денешните разговори во Брисел албанската страна не сакала никакво компромисно решение во однос на регистарските таблички, јави дописникот на МИА од Белград.
-Денеска презентирав дека Србија нема проблеми со КС табличките и тоа го повторив во неколку наврати, доволно е што имаме статусно неутрални КС таблички. Но, другата страна реагираше многу негативно на тоа и рече дека времето на УНМИК одамна поминало, додаде Вучиќ.
„Можеме да зборуваме за се и да ги отвориме сите теми, но она што треба да направиме е да го спроведеме она што е веќе потпишано и е на сила, и кога го велите тоа ја гледате целата суштина на проблемот и гледате дека има обид да ни кажат дека можеби еден ден ќе ја добиеме Заедницата на српските општини (ЗСО), но само кога на еден или друг начин ќе ја прифатиме независноста на Косово, заборавајќи дека ЗСО е производ на Бриселскиот договор, рече Вучиќ.
Тој порача дека за Србија денеска ништо не било проблематично и дека е очигледно дека некој друг сакал конфликт и тоа го планира.
-Не е случајно што вечерва сите полицајци што постојат во Приштина се испратени на четири места… Србите добро знаат дека не се обврзани да плаќаат харач што не е потпишан. Има гнев кај населението на северот на Косово… Знам дека голем дел од луѓето не ги интересира тоа што го зборувам. Мора да се обидеме да покажеме дека не сакаме конфликти ниту една секунда, да не ја користиме туѓата дрскост и ароганција за прифаќање конфликти. Мораме да дадеме се од себе за да го зачуваме мирот. Што се однесува до нас, Србија ќе почитува и нема да издава нови регистарски таблички, рече Вучиќ.
Според него утре почнува тежок период, додавајќи дека е загрижен, но дека нема причина за паника и изјави дека вечерва ќе има средби и со министерот за одбрана Милош Вучевиќ и со началникот на Генералштабот Милан Мојсиловиќ, како и со Србите од Косово.
Како што истакна, пред малку пристигнале најновите разузнавачки податоци.
-Ситуацијата е тешка, на работ на конфликт, буквално, и знам дека претставниците на Србите ќе ми кажат дека им е доста од се и дека можат сите да загинат, но мора да знаат дека животот на сите нив ни е е поважен од се и дека мора да разберат.
„Видов денеска колку пати Жосеп Борел ги предупреди претставниците на Приштина дека имаат разузнавачки информации за ситуацијата на теренот. И ние добивме разузнавачки информации дека ситуацијата е на работ на конфликт и Србите мора да ја разберат нашата молба и нашето барање”, рече Вучиќ.
Тој ја повика меѓународната заедница и западните сили „да го запознаат Курти и другите во Приштина” со познавањето на правото и на овој начин да го зачуваат мирот.