Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска на прес-конференција во Атина ги повика српските функционери да бидат повнимателни при давањето изјави, осврнувајќи се на изјавата на министерот за одбрана на Србија и претседател на СНС, Милош Вучевиќ. Според него тие треба да бидат повнимателни, бидејќи би можело да биде искористено од страна на некои.
Вучиќ изјави дека македонскиот премиер Димитар Ковачевски на состанокот во Атина по повод 20-годишнината од Декларацијата од Солун од Самитот ЕУ – Западен Балкан, наводно, многу силно реагирал на Албин Курти „за она што го правеше во Тетово“.
„Беше интересно да се слушаат луѓето. Видов дека Димитар Ковачевски многу силно реагираше против Албин Курти за она што го правеше во Тетово и тоа многу силно, јавно, отворено. И тука сакам да ги замолам нашите функционери, дури и кога немаат намера, да бидат повнимателни да не им излезе ништо што би можело да биде искористено од страна на некои, за и нас да не нè направат исти како Курти. Затоа и синоќа долго разговарав со Ковачевски и му реков – ако кој било во Северна Македонија се чувствува навредено и поради што било што некој го кажал, иако јас сметам дека за тоа не постојат причини, нема проблем – јас се извинувам, Македонците се наши браќа и немаме никакво проблем со нив. Но, Ковачевски, навистина, многу остро говореше против Курти пред сите што изненади многумина“, изјави денеска Вучиќ, на прес конференцијата пренесена од РТС.
Настанот за кој зборува Вучиќ и за кој, според него, реагирал македонскиот премиер, се однесува на неофицијалната посета на косовскиот премиер на Скопје и на Тетово пред десетина дена.
Владата се залага за градење добрососедски односи со сите свои соседи, е одговорот даден за “360 степени“, на прашањето дали може да ја потврдат изјавата на српскиот претседател.
„Посочуваме дека лидерите присутни на вечерата беа согласни дека Земјите од Западен Балкан се фокусирани кон европската иднина имајќи ги предвид геополитичките превирања на европскиот континент“, одговараат од Владата за тоа што се разговварало на неформалната вечера во Атина на која присуствувал и премиерот Ковачевски.