Вучиќ: Ќе ја зачуваме стабилноста, мојот збор значи повеќе од многу потписи во регионот и во Европа

by Fokus

Претседателот на Србија – Александар Вучиќ изјави денеска, по средбата со германскиот министер за одбрана – Борис Писториус во Белград, дека разговорот бил отворен и искрен од двете страни, без ракавици и порачал дека Србија ќе ја зачува стабилноста во регионот и дека неговиот збор значи повеќе од многу потписи во регионот и во Европа.

„Разговаравме за стабилноста во регионот и потребата да имаме различни ставови, особено во однос на Косово и Метохија. Се согласуваме дека стабилноста и мирот се од клучно значење, не само за луѓето од Западен Балкан, туку и за да речеме, во цела Европа и дека никој не е заинтересиран за каква било ескалација и нестабилност“, рече Вучиќ во обраќањето на заедничката прес-конференција со Писториус.

Вучиќ истакна и дека е точно оти, како што рече Писториус, дал збор дека Србија нема да изненади никого со своите воени или какви било други потези, но ќе ја зачува стабилноста.

„И мојот збор, патем, значи многу повеќе од многуте потписи што ги видов и во регионот и во Европа. Тоа е од наш голем и огромен интерес“, рече претседателот Вучиќ.

Поврзани новости