Вучиќ: Ќе барам седница на Советот за безбедност на ОН за состојбата на Косово

by Fokus

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека ќе побара разговор со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, а потоа и итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) поради ситуацијата на Косово.

Тој рече дека ќе побара од Советот за безбедност „да иницира итни мерки“ за заштита на Србите во Косово.

„Ќе побараме од Советот за безбедност да му нареди на КФОР да ги спречи акциите на безбедносните сили на терен кои ги загрозуваат животите и безбедноста на граѓаните“, рече Вучиќ.

Вучиќ рече и дека Србија ќе бара „демилитаризација на сите вооружени албански формации во согласност со резолуцијата 1244“.

Според него Србија направила се што може за да ја деескалира ситуацијата на Косово, но дека на Косово се спроведува „акција на прогон и етничко чистење“ на Србите, што е „добро организирано и поддржано од дел од меѓународната заедница“.

Тензиите на северот на Косово настанаа на крајот на мај кога новите албански градоначалници на Звечан, Лепосавиќ и Зубина Поток со помош на полицијата влегоа во општинските згради и покрај противењето на Србите кои ги бојкотираа изборите.

 

Поврзани новости