Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека најавата на кандидатот за претседател на Косово, Рамуш Харадинај, за можното обединување на Косово со Албанија претставува закана не само за Србија, туку и за регионот, Европа и целиот свет, јави дописникот на МИА од Белград.
-Но, ние на тоа не треба да возвраќаме со закана. Вие правите што сакате, а ние ќе имаме добар и адекватен одговор и граѓаните не треба да се грижат, изјави Вучиќ одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес конференција.
Лидерот на Алијансата за иднината на Косово и кандидат за претседател на Косово, Рамуш Харадинај, во понеделникот изјави дека Европската унија, со своето однесување кон Косово, може да го принуди Косово да се обедини со Албанија.
-Ако Косово не е пред вратата на НАТО и ако Косово нема либерализација на визниот режим со ЕУ, нема признавање од петте земји-членки на ЕУ, ако не е пред вратата на ОН, што ќе правиме понатаму? Дали ќе го прифатиме она што се обидоа да не убедат, дека Косово е уморно, слабо, кажа Харадинај.
Вучиќ коментирајќи ја оваа изјава, кажа дека би сакал да слушне некои реакции од Брисел или Вашингтон.
-Бидејќи, не дај Боже, некој во Србија од толку високо место да зборуваше за некои други видови на обединување на Балканот, тие многу скоро би не бомбардирале. Но, бесмислено е да се зборува повеќе за двојните аршини, рече тој.
Вучиќ потсети дека Харадинај е човек кој сака да биде нов претседател на Косово и дека, доколку тоа го постигне со помош на гласовите на Самоопределување, може да се појави многу неповолна ситуација во која и Владата и претседателот на Косово ќе се залагаат за обединување со Албанија.
-На тоа ние знаеме како да реагираме. Јас на никого не му се заканувам, но создавањето на Голема Албанија е закана за Србија и регионот и за Европа и светот, изјави српскиот претседател.