Вучиќ и официјален победник на изборите во Србија

by fokus

Републичката изборна комисија на Србија доцна синоќа ги објави конечните резултати од неодамнешните парламентарни избори во земјата откако вчера заврши повтореното гласање за пратеници во осум избирачки места.

Според Републичката изборна комисија (РИК), а врз основа на сите обработени избирачки места, листата „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“ освоила 46,75 отсто од гласовите и за неа гласале 1 783 701 граѓанин на земјата со право на глас, пренесуваат регионалниот сервис на Радио Слободна Европа и Н1.

Опозициската листа „Србија против насилството“, освоила 23,66 отсто од гласовите и за неа гласале 902 450 луѓе, пренесува Нова.рс, а за листата „Ивица Дачиќ – премиер на Србија“ се изјасниле 249 916 гласачи или 6,55 отсто.

Коалицијата НАДА (Нова ДСС и ПОКС) успеала да освои 5,02 отсто од гласовите, листата на Бранимир Несторовиќ „Ми – глас од народот“ освоила 4,69 отсто од гласовите, а коалицијата „Национален собир“ на партијата Заветници и движењето „Двери“ има 2,76 отсто од гласовите.

Сојузот на Унгарците од Војводина освоил 1,7 отсто од гласовите, Српската радикална партија 1,46 отсто, а листата предводена од Усаме Зукорлиќ и Томислав Жигманов 0,76 отсто.

Листата „СДА Санџак – Сулејман Угљанин“ добила 0,57 отсто, а листата „Политичката борба на Албанците продолжува – Шаип Камбери“ добила 0,35 отсто гласови.

Листата на Народната партија освоила 0,88 отсто, а Заедно за иднината 0,18 отсто, објави РИК.

Руската партија освоила 0,3 отсто од гласовите, листата на Чедомир Јовановиќ 0,24 отсто, а листата на Саша Радуловиќ и Борис Тадиќ 1,18 отсто од гласовите.

За листата „Србија на Запад“ се изјасниле 0,14 отсто, додека листата на „Албанска демократска алтернатива“ добила 0,08 отсто од гласовите.

Поврзани новости