Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска се сретна со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а по средбата двајцате се обратија и до медиумите.
Вучиќ најпрвин и се заблагодари на посетата на Урсула фон дер Лајен и рече дека „досега сме имале многу добри разговори, а ќе ги имаме и цел ден“.
Тој се осврна на фактот дека ЕУ е најголемиот партнер на Србија и дека Србија е еден од најголемите извозници во ЕУ.
„Денеска ги слушнавме охрабрувачките зборови на претседателот Фон дер Лајен“, најави Вучиќ.
Вучиќ потсети дека Србија знае што не може да прифати според Уставот, а на тоа ги потсети и лидерите во Брисел, а денеска и претседателката Фон дер Лајен.
„Се што кажав во Брисел, Србија си ги знае обврските, ќе си ги исполни обврските“, рече Вучиќ.
Тој посебно и се заблагодари на Урсула фон дер Лајен што дошла и им помогнала и што го посетила југот на земјата.
Потоа зборуваше Фон дер Лајен, која истакна дека ЕУ сака да смета на Србија како рамноправен партнер.
„Нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово е неопходна“ рече таа и нагласи дека „важно е сторителите на инцидентот од 24 септември да одговараат“.
Таа рече дека единствениот пат напред кон планот за раст е дијалогот со посредство на ЕУ.