Српскиот претседател Александар Вучиќ и црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ се согласни дека посетата на Милатовиќ на Белград и разговорите се важен чекор во ревитализација и свртување на нова страница во политичките односи меѓу двете држави.
Вучиќ на прес конференцијата рече дека со Милатовиќ разговарале отворено, цивилизирано и нормално, што е предуслов за понатамошно градење доверба.
-Никому ни на сенка нема да застанеме. Разговорите потврдија дека го делиме мислењето дека зајакнувањето на билатералните врски и поблиската соработка е од огромна заемна корист. Нашите добри односи се важни поради луѓето кои треба да ја почувствуваат користа од она за што разговараме – рече Вучиќ.
Црногорскиот претседател, пак, изјави дека Црна Гора и Србија ги врзува „заедничка историја и традиционална блискост, заедничка европска цел, што ги обврзува да имаат најдобри можни односи, дури и кога немаме ист став за некои теми, а ги има многу“.
-Ние имаме добри економски односи, но и покрај тоа немаме амбасадори, заеднички гранични премини, платежните трансакции претставуваат сериозна деловна бариера, мешовитите економски комисии не се состанале со години, а заедничка седница на владите на двете земји никогаш не се одржала – посочи Милатовиќ.
Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање дали со црногорскиот претседател разговарале за екстрадиција на поранешниот претседател на СЦГ Светозар Маровиќ во Црна Гора, изјави дека Србија, како сериозна и одговорна земја, на одговорен начин ќе даде втемелени одговори.
-За мене, нешто друго се поставува како прашање. Зошто во нашите односи секогаш бараме причина да го обвинуваме другиот за непочитување. Дали сте размислувале, дали не боли што Црна Гора го призна нелегалното отцепување на дел од територијата на Република Србија со Косово? Дали нè заболе кога беше протеран нашиот амбасадор во Подгорица, а за тоа немаше валидна причина? Во знак на почит кон господинот Милатовиќ, за 10-12 дена ќе избереме кој ќе биде нашиот нов амбасадор во Подгорица – рече Вучиќ.
Милатовиќ положи цвеќе пред основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар, со што претседателот на Црна Гора им оддаде почит на жртвите од масакрот што го изврши ученик од тоа училиште на 3 мај, кога уби девет негови другари и чуварот на училиштето, а рани уште шестмина.