Српскиот претседател Александар Вучиќ ја критикуваше одлуката на косовскиот премиер Албин Курти да го постави Ненад Рашиќ за косовски министер за заедници и враќање. Вучиќ ја нарече Рада Трајковиќ, која беше поставена за советничка на Рашиќ, „српско ѓубре од дното на кацата”, додека на Курти му даде епитет „терористичко ѓубре”.
-Изборот на Рашиќ, човек кој освои помалку од еден процент, како и на Рада Трајковиќ, која беше на неговата листа, покажува дека тие сакаат прогон, протерување и исчезнување на Србите на Косово и Метохија. И сега имам неколку работи да кажам, пред официјалното обраќање и средбата со Вархеји (најавена за утре), ако до тоа некогаш воопшто дојде, изјави Александар Вучиќ во неговото телефонско вклучување во програмата на ТВ Пинк.
Тој додаде дека од Рашиќ и Трајковиќ „нема полоши” и дека ја немаат довербата на Србите во Косово, „туку довербата на западните агенции и терористичкото ѓубре Курти”.
Тој ја нарече срамна реакцијата на ЕУ за именувањето на Рашиќ и нагласи дека поради ова српската делегација нема да учествува на самитот на ЕУ – Западен Балкан во Тирана.
-Никој од Србија нема да биде во Тирана на 6 декември, а вие доѓајте убаво, земајте дневници, патувајте како сакате, сите вие од Европа, сите вие од Западен Балкан, оговарајте за тоа како Србија е виновна за нешто, рече Вучиќ.
Обраќајќи му се на Курти, Вучиќ му порача „да води сметка да не повреди ниту еден Србин, заедно со квислинзите што ги избрал”, бидејќи Србите заедно со државата Србија „ќе знаат како да одговорат”.