Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека е уплашен од можните реакции на српскиот народ на Косово, по најавите на Приштина за примена на одлуката за пререгистрација на возилата.
„Моето барање е само да бидат мирни. Што и да се обидуваат да направат, само нашите да бидат мирни. Ако тргнат на митинзи и демонстрации, само тоа да го направат мирно, да не им даваат на Албанците ниеден повод да пукаат во масата, како што направија минатиот пат и без повод. Само да бидат мирни и да ни дадат време“, рече Вучиќ пред новинарите.
Тој упати молба и до Албанците „да не тргнат во напад врз Србите“ и оцени дека во овој момент Западот нема интерес за каков било судир на Косово.
„Денеска можам да ги замолам Албанците да се вразумат и Србите да не наседнуваат и не прават ништо што ќе доведе до судири. Ги молам и претставниците на моќните и големи земји кои ја признаваат независноста на Косово малку да водат сметка за меѓународното право и да не им дозволат на нивните штитеници да предизвикаат судир. Тоа е мојата молба, мојата голема молба, но веднаш да кажам, нема да има предавање и Србија ќе победи. Ако се дрзнат да тргнат во прогон, малтретирање и убивање Срби, Србија ќе победи“, рече Вучиќ.
По повод одлуката на Приштина да им издава потврди на граѓаните кои поседуваат српски документи и да почне пререгистрација на возилата со српски таблици, Вучиќ рече дека ситуацијата за Србите на Косово е многу комплицирана и дека никогаш не била посложена од денеска.
Вучиќ рече дека од вчера остварил многу разговори со претставници на меѓународната заедница, најмногу со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина Мирослав Лајчак и најави дека ќе ги продолжи разговорите.
На прашањето дали Српската листа треба да ја напушти владата на Косово поради најавите на Приштина, Вучиќ рече дека не е никаков проблем да се напушти владата, но праша што ќе добијат со тоа.
Од утре треба да стапи во сила одлуката за замена на српските регистарски таблички на Косово со косовски.
Советот за безбедност на Косово, по денешната седница, соопшти дека сите технички и административни процедури за спроведување на тие одлуки се спремни.