Ниту една ноќ не можам да спијам затоа што знам што се случува ноќе на северот на Косово, буквално се врие, децата од 12, 13 и 14 години се подготвени да умрат, а тоа мораме да го спречиме, преку глава им е со Албин Курти и сите можни лаги, рече српскиот претседател Александар Вучиќ денеска е во Белград.
Вучиќ на прес-конференција по средбата со претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар рече дека 12-годишните деца во Лепосавиќ ноќта меѓу средата и четвртокот ги „бркале автомобилите“ на косовските безбедносни сили.
„За нас е ужасно тешка ситуација, се трудиме да го зачуваме мирот речиси по секоја цена, но имаме работа со луѓе кои не сакаат мир по секоја цена. Мора да се бориме и да веруваме во здрав разум. Се надевам дека Европската унија и САД ќе имаат доволно сила да расудуваат со оние кои се однесуваат нерационално“, рече Вучиќ.
Зборувајќи за апсењето на тројца гранични полицајци, припадници на косовската полиција, кое се случи во средата, а за кои Приштина тврди дека биле киднапирани од територијата на Косово, Вучиќ рече дека и самиот косовски премиер Албин Курти признал дека уапсените ги прекршиле сите норми на Меѓународен закон.
Вучиќ потсети дека Курти рекол оти уапсените се внатре во Косово, на 300 метри од административната линија меѓу Србија и Косово, и нагласил дека припадниците на косовската полиција немаат право и не смеат да бидат таму според Воено-техничкиот договор бидејќи кога сакаат за да дојдат на еден километар до административната линија, тоа мора да го пријават во КФОР 36 часа однапред.
Српскиот претседател праша што барале косовските полицајци на местото каде што биле уапсени со долгите цевки, односно дали сакале да „убијат некој што сакал да префрли Кока-Кола или шише кисела вода“ преку административната линија.
Вучиќ рече дека „нему му е одвратно да се оправдува за глупости“ бидејќи при тоа апсење „никој не бил претепан и ништо не се случило“.
Тој оцени дека тоа е „рутинска работа“ на српските органи и посочи дека досега не се случило припадниците на вооружените сили на Србија или на српската полиција да ја преминат административната линија „бидејќи имаат директна наредба за тоа“.