Денеска всушност уште еднаш ништо не се случи, верувам дека нашите пријатели од Скопје и Тирана заслужуваат да добијат отворање на почетокот на преговорите со ЕУ и верувам дека до тоа ќе дојде што е можно поскоро, што не е прашање на молба, оти и двете земји сработеа се што е побарано од нив и навистина треба да го добијат заслуженото, изјави српскиот претседател на прес-конференцијата во Брисел по завршување на состанокот на лидерите на Западен Балкан и ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој им се заблагодари на премиерите на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и на Албанија, Еди Рама за фер односот кон Србија на денешниот состанок и изјави дека е неопходно да се прифати предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за Европската политичка заедница.
– Само така може да се слушне нашиот глас и почесто да ги слушаме другите, европски колеги.Верувам дека заедно со Европската политичка заедница која може да биде многу значајна за нас, ќе можеме сите заедно да решиме одредени прашања, особено тешките прашања за Северна Македонија и Албанија, а во меѓувреме ќе се обидеме да го зголемиме нивото на соработка меѓу нашите земји, да ги подобриме односите и да видиме што може да направиме повеќе за нашите граѓани, за меѓусебните туристички посети, за работните дозволи и останатото од иницијативата на Отворен Балкан, што е идеја пред се на овие три земји, што секако дека не е забрането, изјави Вучиќ.
Според него, на состанокот имало добра дискусија и немало конкретни резултати за Западен Балкан.
– Ако можам да преведам она што ни беше важно денеска и ако анализирате, немаше конкретни резултати за Западниот Балкан и имавме добра дискусија. Никогаш не би потценил такво нешто. Ако ме прашате дали Македонија и Албанија добија датуми за почеток на преговори – не, Приштина не доби визна либерализација, БиХ не доби кандидатски статус… Бевме критикувани од многу членки за санкциите и тоа е тоа. Тоа е она што се случи ако сето тоа се сумира во конкретни ставки. Но, во политиката не секогаш се работи за конкретни работи. Сакаме да изградиме доверба, од таа гледна точка, мислам дека ова е важен состанок и дека Самитот беше добар, оцени Вучиќ.