„Благодарни сме на нашите кинески пријатели што упорно се залагаат за почитување на Резолуцијата 1244“ напиша српскиот претседател Александар Вучиќ на својот профил на Инстаграм. Тој, исто така, изрази уверување дека „љубовта што нашите народи ја имаат кон слободата и мирот дополнително го зајакнува нашето традиционално пријателство“.
„Претседателот Си често споменува кинеска поговорка: Да го замениме военото оружје со подароци од жад и свила“, рече српскиот претседател.
Како што истакна, мирот мора да остане наследство на човештвото, од кое ќе црпиме сила за глобална стратешка стабилност, чиј краен резултат ќе биде заедничката и одржлива безбедност на сите земји.
– Исто како и Народна Република Кина, Србија се залага за строго почитување на основните принципи на меѓународното право. Народна Република Кина, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, отсекогаш била посветена на зачувување на мирот и давала дипломатска поддршка на територијалниот интегритет на Србија и нашите обиди да го одбраниме меѓународниот правен поредок“ – напиша Вучиќ.
Тој посочи дека кинеското вклучување во инфраструктурата, енергетскиот и рударскиот сектор во Србија значително ја поттикна српската економија, создавајќи работни места и можности за граѓаните и помогна во унапредување на соработката и размената меѓу двата народи.
„Му благодариме на претседателот Си и на Народна Република Кина за вашето постојано пријателство и поддршка. Да живее нашето челично пријателство! Да живее Кина! Да живее Србија!“, порача Вучиќ на својот Инстаграм.