Премиерот на Србија – Милош Вучевиќ изјави дека секогаш е добро да се слуша гласот на вистината за Косово во Обединетите нации, но дека не очекува големи заклучоци од денешната седница на Советот за безбедност на ОН, со оглед на поларизирани ставови на земјите-членки кога станува збор за Косово.
„Оние кои мислат дека Косово е независно веројатно ќе ги величаат или оправдуваат постапките на Курти и Приштина. Оние кои го почитуваат меѓународното јавно право ќе укажат на кршењето на основните човекови права и слободи, што, за жал, секојдневно се случува врз Србите и неалбанското население на територијата на Косово“, изјави Вучевиќ.
Вучевиќ рече дека „Отворен Балкан“ е добра иницијатива, но дека е пропуштена можноста да му се приклучат и Црна Гора и Босна и Херцеговина и на тој начин да го завршат проектот.
„Тоа би било идеално и тогаш ќе ја добиеме полната слика на овој простор и ќе и покажеме на Европа, но пред се на нас, дека можеме да соработуваме. А не дека постојано се обвинуваме за нешто, затоа прифатете ме, но не ги прифаќајте во ЕУ“, рече Вучевиќ и додаде дека се добива впечаток дека „Отворениот Балкан“ во моментов не е на дневен ред на соседните земји.
На прашањето дали „Отворениот Балкан“ е сè уште „жив и потребен“ по берлинскиот процес, Вучевиќ рече дека оваа иницијатива е жива во смисла дека се почитуваат постигнатите договори, но дека му се чини дека Албанија веќе не е заинтересирана за тој процес.
Тој потсети на изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама, дека процесот „Отворен Балкан“ е завршен и дека ја исполнил својата мисија.
„Очекуваме поблиско определување на новата влада на Северна Македонија во однос на ова прашање, но премиерот Мицкоски не ја отвори оваа тема кога бев во Скопје. Очигледно е дека тоа не е на ничија агенда“, рече Вучевиќ.
Тој нагласи дека нема успех за поединечни земји доколку целиот Западен Балкан не влезе во Европската унија и дека без Србија како најголема земја во регионот, приказната за ЕУ нема да биде целосна.