Момчето од Хрватска, кое беше вториот пациент заболен со коронавирус во таа земја, вчера излезе од болница. Хрватските медиуми информираат дека тој имал два негативни теста на вирусот, еден во понеделник, еден вчера.
Неговиот брат близнак, кој е првиот заболен со корнавирус во Хрватска и неговата девојка биле во добра состојба, но нивното лекување на клиниката Др. Фран Михаљевиќ продолжува. Момчињата се на возраст од 26 години.
Хрватскиот министер за здравство Вили Берош утринава изјави дека се очекува и тие наскоро да бидат пуштени дома.
Првиот позитивен на коронавирус во Хрватска се заразил кон крајот на февруари, додека бил на фудбалски натпревар во Милано. Набргу откако беше хоспитализиран, тој имаше телефонско интервју со тамошните медиуми, и порача да не се создава паника, бидејќи симптомите кои ги имал биле слични на потешка настинка. За да ја смири јавноста, детално раскажа за симптомите, за терапијата која ја прима, за тоа како изгледа собата за изолација и кои мерки се превземаат околу неговата состојба. Изрази жалење што токму тој го донел вирусот во земјата.
Во Хрватска има 19 лица заболени од вирусот и сите се со благи симптоми на болеста.