Втор конвој од 14 камиони со хуманитарна помош вечерва влезе во Појасот Газа од Египет преку граничниот премин Рафах, изјави за Ројтерс директорката за комуникации на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци (UNRWA) со седиште во Аман, Џулиет Тума.
Претходно, очевидци изјавија дека имало експлозија и сирени од амбулантни возила на преминот Рафах, додека израелски тенк по грешка удрил во египетска позиција во близина на границата со Газа, при што биле повредени неколку египетски граничари.
Бајден и Нетанјаху се договорија да дозволат непречен премин за …
Очевидец и медицински извор изјавија дека седум лица се ранети и пренесени во болница.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) изразија жалење за инцидентот, кој се истражува, пренесува Танјуг.
Во денешниот конвој имало околу 19 камиони со медицинска опрема и храна, соопштија безбедносни и хуманитарни извори, пренесе Ројтерс.
Првиот конвој од 20 камиони влезе во Појасот Газа во саботата наутро преку преминот Рафа, кој беше затворен по бомбардирањето на Газа на патот и инфраструктурата.
Дистрибуцијата на хуманитарна помош која пристигна во Газа во саботата започна денеска, но хуманитарните работници се уште предупредуваат на хуманитарна катастрофа бидејќи залихите со храна, вода и гориво се снема.
Израел воведе целосна блокада на Појасот и започна воздушни напади врз Газа како одговор на нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври.
Преминот Рафах, главниот влез и излез од Газа кој не води кон Израел, се најде во фокусот на хуманитарните организации во време кога условите во Газа се влошуваат.
Претставници на ОН рекоа дека најмалку 100 камиони дневно ќе треба да се испраќаат во Газа за да се покријат непосредните потреби на тамошното население.
Пред почетокот на конфликтот, неколку стотици камиони дневно влегуваа во енклавата, изјави шефот за хуманитарна помош на ОН Мартин Грифитс во саботата за Ројтерс.