Ако биде се според планот, веќе втора половина на јули ќе го имаме ребалансот на буџетот во парламентот, а некаде во првата половина на август ќе биде објавен повикот до општините да аплицираат со проектите, зашто е голема можноста шест милијарди денари да бидат распределени кон општините за проекти што се подготвени.
Ова вечерва во емисијата „Анализа“ на ТВ 24 го рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашањето дали и него како одреден премиер во минатото ќе го гледаат постојано со лопатата во рака, посочувајќи дека, ако го реализираат тоа што го ветувааат можеби и по неколку пати, како што рече, ќе го гледаат со лопата во раце или како пушта некој од проектите што е завршен.
Според него, со тие шест милијарди денари очекува најмалку 150 проекти да бидат исфинансирани, но како што рече, можеби ќе бидат и 200 проекти.
„Тоа значи дека 150 пати ќе ме гледате со лопата. Очекувам тука да бидат вклучени сите градоначалници. Тоа се проекти што се важни за граѓаните. Од тоа што имав можност да видам, се работи за големи проекти, за булевари, за канализациски системи, за водоводни системи, за градинки, за училишта“, вели Мицкоски.