Зојка Луковиќ, родна 1954 година, излегла од својот дом во Драчево на 31-ви декември, околу 12 часот и и се губи секаков траг. Веќе шести ден трае потрагата по неа, а нејзиниот син Марјан за ,,Фокус” вознемирен од настанот ги открива деталите.
Раскажува дека мајка му немала здравствени проблеми и живееле заедно. Животот го поминала работејќи хонорарни работи, чувала стари лица, се борела да донесе парче леб како самохран родител.
Дента кога исчезнала носела црвена јакна и капа, и е ситна жена со црвена коса. Тој и се јавил на мобилниот околу 18 часот, и вели дека штом и го слушнал гласот знаел дека нешто не е во ред, па веднаш пријавил во полиција.
-Мајка ми излегла од дома околу 12 часот. Се беше во ред со неа, немаше никаков проблем. Кога во 18 часот и се јавив да видам каде е и зошто не си доаѓа дома, таа не можеше да зборува на телефон. Ми одговори на повикот, кога ја прашував каде е, само нешто нејасно слушнав, сфатив дека нешто се случува и веднаш се јавив во полиција.
Не сакам да избрзувам со заклучоци што точно се случувало со неа во тој момент кога ми одговори на повикот, но нешто не беше во ред и таа не можеше да зборува, затоа и побарав помош од полицијата.
Од информациите кои ги имаме до сега, веќе е шести ден откако и се изгуби траг, телефонот последно е лоциран таму, во таа област, околу Драчево. Откако пријавив во полиција, потоа веќе и телефонот и беше исклучен. Очаен сум, барам помош од сите граѓани, од институциите, сакам да ја пронајдеме мајка ми – вели синот.
Додава дека овие денови имаше густа магла, која можеби го отежнувала пребарувањето, но сепак надеж му дава јакната која ја носела мајка му, во јака црвена боја која е забележлива.
Апелира до сите од Драчево кои имаат безбедносни камери, да ги проверат, посебно во тој период од околу 12 часот на 31-ви декември, па се до полноќ.
-Мајка ми никогаш не би заминала туку така, без збор. Целиот живот се жртвуваше за мене, се мачеше да ме изгледа, од своја уста одвојуваше за јас да имам. Само сакам да ја најдеме, да ја гушнам, многу сме вознемирени сите. Ја барав со блиски луѓе насекаде, проверувавме и канали, но потребна ни е поголема помош, за да се направи опширна потрага. Проверка на камерите во околината верувам дека би била од помош, замолувам уште еднаш сите кои имаат безбедносни камери да ги проверат снимките. Дронови, хеликоптер, кучиња трагачи, сето тоа би било од помош, но барем засега такво нешто нема од институциите, со мои блиски блиски луѓе одам насекаде и барам- вели Луковиќ.
Ова е втор случај во Драчево за девет месеци, како исчезнува жена со слична физиономија. Во март лани и се изгуби трагот на Виолета Крстевска Јаневска (60). Таа тргнала во оптика да си ги земе наочарите, и од тогаш ја нема.
Нејзината ќерка тогаш за ,,Фокус” раскажа дека по неколку часа и се исклучил и мобилниот телефон. Појаснуваше дека се работи за сериозна жена, која никогаш не би заминала од дома без збор, работела како сметководителка во Факултетот за безбедност, била со ситна градба, слаба, со црвена кратка коса.
До денес, по околу девет месеци од исчезнувањето, не е пронајдена, а нејзината фотографија е објавена на страницата за исчезнати лица на МВР.
Исчезнувањето на Зојка ги потсети жителите на Драчево за случајот со Виолета. Вознемирени, бараат одговори.
Во изминатиот период се случија низа на исчезнувања на лица од различни возрасти, не само во Скопје, туку и во Куманово, Неготино…
Нивни семејства објавуваат фотографии на социјалните мрежи и молат за помош, но нивни податоци и фотографии се уште не се објавени на страницата за исчезнати лица на МВР.
Сите кои имаат било каква информација за Зојка Луковиќ, да пријават во полиција или пак да му се јават на нејзиниот син Марјан на 071 334 736.
Вики Клинчарова