Во Србија е потврден втор случај на инфекција со коронавирус, соопшти српското Министерство за здравство.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, овој пат станува збор за кинески државјанин.
Првиот случај во Србија е регистриран на 6 март во Суботица, кај машко лице од Бачка Топола. Тој се лекува во Клиничкиот центар на Војводина во Нови Сад и неговата состојба е стабилна.
До денеска во националната референтна лабораторија на Институтот Торлак во Белград беа тестирани вкупно 101 лице, кои ги исполнуваа критериумите за дефинирање на случајот.
Во Бачка Топола седум медицински работници – една докторка, техничар, три медицински сестри и двајца лаборанти, се наоѓаат во изолација поради контакт со заразеното лице.
Се уште е во сила соопштението на Министерството за надворешни работи од 24 февруари во кое се повикуваат српските државјани да не патуваат во оние области кои италијанската Влада ги утврди како критични.
Авио-компанијата Ер Србија денеска објави дека ќе ги прекине летовите кон Италија од аеродромот „Константин Велики“ во Ниш, додека, пак, летовите од аеродромот „Никола Тесла“ во Белград ќе бидат редуцирани поради епидемијата на Ковид-19, од денеска до крајот на март.
Од Ниш времено се укинати летовите за Болоња и Рим, додека од Белград до крајот на март и почетокот на април редуцирани се повеќето летови за Милано и Венеција, освен линијата за Рим која ќе продолжи да функционира.