Втор ден во Грција над 2.000 новозаразени, Мицотакис утре ќе објави нови мерки

by fokus

Втор ден по ред, во Грција бројот на нови случаи на Ковид-19 е над 2.000, со оглед на тоа дека во изминатите 24 часа се регистрирани 2.646 новозаразени, што е рекорден број за земјата на дневно ниво, јави дописничката на МИА од Атина.

Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, зголемен е бројот и на починати, вкупно 18, додека пак приклучени на апарати се 179 лица, десет повеќе од вчера.

Една третина од денешните 2.646 случаи, односно 823 се во Солун, во областа Атика, поширокиот дел на Атина има 588 од новозаразените, а останатите случаи се во 48 различни региони во Грција.

Од почетокот на епидемијата регистрирани се 46.892 случаи на Ковид-19, а починаа вкупно 673 лица.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис заедно со шефот на Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас, утре напладне ќе излезат со соопштенија за справување со епидемијата, а ќе одговараат и на новинарски прашања.

Сѐ поверојатно е дека ќе бидат соопштени нови мерки или само за областа Атика (поширокиот регион на Атина) или за цела Грција.

Поврзани новости