Вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) втор ден штрајкуваат поради најавите за кратење на нивните плати.
Сите подрачни единици и денеска нема да извршуваат работни задачи, освен најитните.
Според најавеното, ќе бидат скратени услугите кои се однесуваат на барање за рехабилитација, за ортопедски помагала, заверка на ортопедски помагала, за надомести за породилно отсуство и за исплата на боледување, за осигурување во странство, за двојазични обрасци итн. Непречено ќе работат лекарските комисии што ги продолжуваат боледувањата на вработените за тие што имаат потреба.
– Револтот кај вработените е огромен. Штрајкуваат и оние кои се во други синдикати. Да останат оние плати што ги добивме со декемвриската. Не бараме ништо повеќе, туку само да ни останат платите во висина како што беа со декемвриската. Штрајкот нема да престане, дури и по цена да не земат плата, како што е сега случајот. Во моментов, вработените во ФЗО немаат плата, рече вчера претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски.
Тој упати апел до Владата, на денешната седница, на која веќе пратиле допис до техничкиот премиер Талат Џафери, да отвори точка на дневен ред, да се разгледа нивното барање.
Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на ФЗО, додаде дека досега нема пријавено никакви инциденти, ниту проблеми.
-Граѓаните се свесни за ситуацијата во која се наоѓаме, нагласи тој и додаде дека лекарските комисии што ги продолжуваат боледувањата на вработените за тие што имаат потреба, продолжуваат непречено да работат.
Аџигогов наведе и оти засега нема информации дали Управниот одбор ќе заседава.
-УО ја прифати дури и таа иницијатива да ја разгледа. Значи, ние бевме и кажано беше, нема проблем, нека поминат изборите, понатаму да продолжиме со разговори, да видиме што е проблемот. Значи, во моментот ниту еден вработен во ФЗО не бара вина, ниту бара кривица ниту од вработените во ФЗО што се на раководни структури, ниту од Министерството за финансии. Едноставно сакаме да ни се реши проблемот и да ни останат истите плати, појасни Аџигогов.