Втор ден расправа за Законот за попис, опозицијата бара да се повлече

by fokus

Пратениците во Парламентот денеска ја продолжија расправата за Законот за попис. И од владејачкото мнозинство и од опозицијата останаа на ставовите што ги најавија нивните матични партии. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ повторно изнесуваа ставови зошто треба да се повлече Законот и да се одложи пописот, додека оние од СДСМ и другите владејачки партии останаа на тврдењата дека нема да има злоупотреби и дека попис ќе има.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова смета дека Законот за попис на населението е со низа недоследности и во него не се вметнати регулативите и стандардите на Европската Унија и Евростат, а истовремено, според неа, се прави и злоупотреба на европското знаменце од страна на владејачкото мнозинство.

– И јас се чудам зошто не добиваме почеток на преговори на таква фантастична европеизација во ова Собрание, рече Силјановска Давкова.

Лидија Тасевска од СДСМ истакна дека Законот за попис на населението, домаќинставата и становите во 2021 година е многу важен закон и оти со податоците од пописот ќе се креираат развојни политики, макроекономски планирања, нучни и други истражувања и статистички операции.

Според неа, Република Северна Македонија има недостаток од квалитетни статистички податоци, а со овој закон се овозможуваат услови за независна статистичка операција. Таа нагласи дека пописот ќе се спроведе строго професионално, а ќе биде реализиран од Државниот завод за статистика.

Тасевска демантираше дека ќе се попишува само со давање на матичен број, потенцирајќи дека ќе се прават споредби со базите на податоци на повеќе институции.

Поврзани новости