Огнот, кој ги зафати планините над Коринтскиот Залив во Грција, гори втор ден по ред, поттикнат од силниот ветер, принудувајќи стотици луѓе да ја напуштат областа.
Во текот на целата ноќ, спасувачите и пожарникарите продолжија со борбата против првиот голем шумски пожар во сезоната, кој веќе уништи скоро 20 километри шума, известуваат од грчката цивилна заштита.
Од раните зори, 12 авиони и три хеликоптери продолжија со гаснењето, а 278 пожарникари со 89 противпожарни возила се распоредени на местото на пожарот.
Засега нема извештаи за жртви, но евакуирани се 17 населени места, како и два манастири, соопштија пожарникарите.
Стотици луѓе се евакуирани како претпазливост, изјави помошникот министер за цивилна заштита Никос Хардалиас вчера вечер.
Шефот на пожарникарите во средата наутро на јавната телевизија ЕРТ изјави дека целта е да не се прошири пожарот понатаму кон Мегара, крајбрежен град со околу 30 000 жители, кој се наоѓа на 40 километри од Атина.
Пожарот избувна во средата вечерта, на околу 70 километри западно од Атина, во близина на одморалиштето Лутраки. Огнот гореше цела ноќ во крајбрежната зона, каде има бројни викенд-куќи.
Цивилната заштита испраќаше СМС-пораки во текот на целата ноќ, повикувајќи ги мештаните веднаш да го евакуираат патот долж крајбрежјето како мерка на претпазливост.
Густ чад се шири над главниот град Атина и другите делови на јужна Грција.
Пожарите во Грција се чести во топлите летни месеци. Во пожарот што ги зафати крајбрежните области околу одморалиштето Мати, источно од Атина, во јули 2018 година загинаа 102 лица.