Врз Фатиме Фетаи немало никаков обид за атентат, велат од СЈО

by fokus

Од Специјалното јавно обвинителство демантираат дека имало обид за атентат врз обвинителката Фатиме Фетаи. Како што претходно објавија некои медиуми, Фетаи избегнала организирано сценарио за нејзина ликвидација во средата во нејзината куќа во село Боговиње.

„Ова Јавно обвинителство категорично ги демантира написите на некои медиуми во кои се тврди дека определен инцидент во село Боговиње, случен на 7 февруари оваа година, е поврзан со обвинителката Фатиме Фетаи и во кои се шпекулира дека во заднината на инцидентот бил обид за атентат врз неа. Информираме дека на тој ден обвинителката ниту била во Боговиње, ниту пак тој настан има каква било поврзаност со Фетаи“, велат од СЈО.

Дел од медиумите поврзаа обид за атентат со случај во средата кога имаше престрелка меѓу полициски службеници и неколку лица во село Боговиње, тетовско.

Според информациите од билтенот во средата околу 18.00 часот, полициски службеници му дале знак на патничко моторно возило „БМВ“ со скопски регистерски ознаки да застане. Откако возилото застанало, и кога полициски службеник се доближил, возачот го стартувал „БМВ“-то и удрил во полициското возило и во други паркирани возила. При обидот за бегство, едно од лицата кое било сопатник во возилото испукало два куршуми од пиштол во воздухот, а неколку куршуми во воздух испукале и полициските службеници. Подоцна во денот лицата биле пронајдени и приведени во полициска станица.

Поврзани новости