Кандидатот за американски амбасадор во Белград, Кристофер Хил, синоќа во американскиот Сенат изјави дека постојат бројни прашања што го засегаат во однос на денешна Србија и на Балканот.
За време на дебатата пред Комитетот за надворешни работи, што е прв чекор во процесот на потврдување на неговата номинација за амбасадор во Белград, Хил истакна дека односот меѓу владите во Белград и во Босна и Херцеговина ќе биде клучен за соработката меѓу САД и Србија.
-Пред се, многу е важно да имаме јасни разговори со владата во Белград, да ги убедиме да разберат дека нивото на нашите напори во БиХ и во Западен Балкан ќе остане многу сериозно. Многу внимателно ќе следиме кој помага работите да се движат во вистинска насока, а кој не. БиХ е клучно прашање за нашата соработка со Србија во иднина – нагласи Хил.
Тој изјави дека ситуацијата во БиХ е попроблематична од претходно, бидејќи раководството на Република Српска презема чекори за одвојување на судството и армијата од институциите на ниво на БиХ, но, како што рече, српскиот претседател Александар Вучиќ бил многу јасен оти нема да има промени и континуитет на поддршка во овие области.
-Треба тесно да соработуваме со Србите на заедничката позиција дека мора да го поддржиме единството на БиХ. Србите не треба да имаат илузии дека ќе се залагаме за некакви еднострани промени во Босна. Треба да ставиме до знаење дека иднината на Република Српска е во БиХ, а не во некој друг ентитет – нагласи Хил.
Коментирајќи го дијалогот меѓу Белград и Приштина, Хил оцени дека е постигнат напредок, но не е доволен, нагласувајќи дека Европската унија не сака членки кои имаат проблеми со соседите.
Тој се осврна и на прашањето за странското влијание во Србија, велејќи дека загрижувачки е тоа што Белград се врти кон Русија за одредени набавки за армијата и кон Кина кога за инфраструктурните потреби.