Врсничко насилство во македонските училишта: Егоизмот и неискажаната лутина го предизвикуваат „булингот“

by fokus

Случувањата во Србија отворија низа прашања за образовниот и воспитниот процес и во Македонија. Како се работи со децата кога ќе биде детектирано врсничко насилство или пополарно наречено „булинг“, но и од што е предизвикан бесот  и незадоволството кај младите?

Соња Угриновска, психолог, семеен и системски советник објаснува дека кога ќе биде забележано врсничко насилство во училиштата потребно е истото да не се третира како изолиран случај. Самата појава упатува на потребата од повторна реедукација и програми за подобрување на социјалните вештини, а истата треба да биде спроведена со сите ученици со иста или блиска возраст.

Таа вели дека третирањето на врсничкото насилство преку групна работа би помогнало да се зачува кохезијата на одделенската група. За да се случи увид од лошите ефекти на врсничкото насилство, децата во рамки на одделението или групата заеднички треба да работат низ интерактивни работилници водени и изработени од психологот, социологот и педагогот.

Како најкорисна техника при третирање на врсничкото насилство таа ја посочува техниката на играње улоги.

Една од причините за тоа дека треба да се работи групно е тоа што се случува многу од децата да им се придружат на групата која прави булинг само за да не се најдат на нивна мета. Другата причина е тоа што изолирано може да доведе самиот третман до поспротивтавено однесување меѓу жртвата и оној кој прави булинг. Трето, етикетирањето би било во помала мера доколку и двете страни се вклучени во процесот. И најпосле затоа што оваа ситуација би требало системски да се решава со корист за сите ученици. Психолошки најкорисна е техниката играње на улоги во која се очекува да се развие влегувањето во „кожа“ на другиот, односно емпатијата, вели Угриновска.

Во моментов, кога во некое македонско училиште ќе биде детектирано врсничко насилство единствените мерки се разговор со училишниот психилог и повикување на родителите на советување. Но, Угриновска вели дека потребна е многу поразработена програма за развивање на доброто однесување и почит во рамки на групата. Таква програма и план за развивање на соработката и надминување на стереотип на нееднаквостите од различен тип, како и за подобрување на комуникацијата, треба да биде редовна практика на стручните служби во училиштата, смета Угриновска.

Како причини за зголеменото врсничко насилство во македонските училишта, психилот Угриновска ги посочува
намалените социјални вештини на децата, егоизам, неискажана лутина и се помало присуство на емпатично доживување на другите, а жртви се најчесто врсници кои на некој начин се поемотивни. Жртва на врсничко насилство може да стане дете кое повеќе е емотивно и плачливо од останатите, дете кое е поповлечено и срамежливо или дете кое се разликува социјално, по успех или на некој друг начин од останатите.

Брзите промени и забрзаниот развој на децата ги соочи семејствата со се поголеми предизвици од типот на соодветно воспитување. Динамичната семејна атмосфера често придонесува децата да ги потиснуваат своите проблеми и на несоодветен начин да се ослободат од негативните чувства и да реваншизираат кон околината. Се повеќе нивните игри се сведуваат на игри од компјутер, а се помалку знаат да играат друштвени игри. Се помалку искажуваат блискост и доверба едни со други и се повеќе владее споредувањето на едни со други, во свет каде медиумите пропагираат популарност и исмевање, па дури и навредување на оние што се разликуваат од групата, вели Угриновска.

Резултатите на врсничко малтретирање може да се манифестираат во емоционална, физичка или социјална форма. Навреди, емоционални изливи и потсмевање, туркање, удирање, одбивање за игра, дружба и заеднички активности, намерно изолирање на страна….

Може да биде присутно и во индиректна форма на пример во вид на ширење озборувања. Емотивно проблемите кај децата што се жртва на врсничко насилство може да создадат депресија, чувство на беспомошност, лутина, непријателство, страв и вознемиреност. Покрај тоа: несоница, губење на апетитот и гадењето. Може да доведе и до појава на социјална анксиозност, училишно бегство, тешкотии со концентрирање на часовите и повлекување.

К.С.Б.

Поврзани новости