Општина Делчево во изминатите неколку дена беше зафатена од поројни дождови кои предизвикаа излевање на реките и создадоа главоболки на луѓето од оваа општина.
Во селото Тработивиште обилните врнежи ги направија најголемите проблеми, а од Општина Делчево се надеваат дека истите ќе бидат набрзо надминати.
„Започна санацијата на оштетената пристапна рампа на мостот во село Тработивиште кој настрада од надојдените води на река Желевица. Градежните работи за санација ги изведува фирмата СД Транс и се очекува за неколку дена мостот да биде ставен во функција“, соопштија од Општина Делчево за „Фокус“.
Како последица на обилните врнежи се излеа и реката Брегалница од мини во мајор коритото во урбаниот дел од градот, но не предизвика посериозни проблеми.
„Критичните точки во градот беа обезбедени со доволен број вреќи со песок, а на располагање за интервенција беше ставена и соодветна механизација. Вон урбаниот дел, на одредени места имаше излевање на река Брегалница по должината на реката од с.Тработивиште до Делчево, како и на излезот од Делчево кај м.в. Брежје и Долни Бавчи, но не предизвика поголеми штети“, додадоа оттаму.
Исто така, честа е појавата на одрони на патиштата во овој регион, а од кабинетот на градоначалникот Горан Трајковски алармираат за внимателно возење, потенцирајќи дека одроните редовно се чистат од општинските служби.
„На магистралниот пат Делчево-Кочани има честа појава на одрони што, секако, влијае врз безбедноста во сообраќајот. Ние сме постојано во комуникација со ЈП Македонија пат и можеме да истакнеме дека редовно се чистат одроните. Но, мора да се апелира и до учесниците во сообраќајот за внимателно возење на оваа делница и прилагодување на брзината на возилото согласно со условите на патот. Оваа делница во должина од околу 40 километри пред 2 години беше реконструирана, беше поставена нова сообраќајна сигнализација, заштитни мрежи, поставени огради од габиони кои штитат на критичните делови од одрони, но сепак, одроните поради конфигурацијата на теренот остануваат како проблем“, ни порачаа од Општина Делчево.
Од општината потенцираат дека е комплетно завршена и реконструкцијата на алтернативниот пат за Виница, односно регионалниот пат Делчево-Бигла-Виница. Реконструкцијата опфати и проширување на коловозот на 5 метри со што значително се подобри безбедноста и на овој патен правец кој служи и како алтернативен патен правец.
Јорданчо Цветаноски