Врие во Нигер: ЕКОВАС одредил ден за напад, папата се моли за мирно решение!

by Фокус

Делегацијата на ЕКОВАС има намера да го напушти Нигер по неуспехот на преговорите со припадниците на војската која изврши државен удар во таа земја.

Националниот совет за спас на татковината, предводен од командантот на гардата Абдурахман Тчиани, одбил да го ослободи сменетиот претседател Мохамед Базум и да го врати на функцијата.

Во меѓувреме, папата Франциско најави дека се моли за успех на напорите на меѓународната заедница да ја доведе ситуацијата во Нигер до мирно решение.

„Со загриженост го следам она што се случува во Нигер. Се приклучувам на повикот на бискупите во таа земја за мир и стабилност во регионот Сахел. Со молитва ги следам напорите на меѓународната заедница да се најде мирно решение за доброто на сите што е можно поскоро“, рече Папата.

По дводневниот состанок на шефовите на генералштабовите на земјите членки на блокот ЕКОВАС во главниот град на Гана, Акра, беше соопштено дека преземањето воена акција би било последното средство за враќање на демократијата во Нигер и дека земјите членки за последен пат ќе се обидат на дипломатски начин да најдат решение.

-Подготвени сме да тргнеме кога ќе добиеме наредба. Одлучено е кога ќе биде денот Д, но сега нема да го откриеме – рече комесарот на ЕКОВАС за политички прашања, Абдел-Фатау Муса.

Од друга страна, пак, властите на Буркина Фасо, Мали, Алжир и Гвинеја се обврзаа да го бранат Нигер во евентуален конфликт на црниот континент.

Инаку, претседателот на Нигер, Мохамед Базум, беше соборен на 26 јули кога членовите на неговата сопствена гарда го приведоа во претседателството.

Поврзани новости