Судија од Врховниот суд добил писмена опомена од Судскиот совет поради сорена дисциплинска повреда, информираа денеска од Советот.
-Во врска со барањето за испитување одговорност кај судија од Врховниот суд, Судскиот совет одлучи да изрече писмена опомена за сторена дисциплинска повреда, додека во врска со барањето за испитување одговорност кај судија од Основниот кривичен суд Скопје, Судскиот совет одлучи постапката да запре затоа што не утврди елементи за нестручно и несовесно постапување, информираа од Судскиот совет.
Како што неофицијално дознава „Фокус“, судијата од Врховниот суд кој добил писмена опомена е Шпенд Деваја, за кој случај неодамна пишувавме во неделникот.
Поточно, објавивме дека тетовски бизнисмен покрена постапка пред Судскиот совет за разрешување судија од највисокиот суд во државата. Сопственикот на „Петрол компани“, Ристо Ристовски бараше од членовите на Советот да ја утврдат одговорноста на врховниот суд Шпенд Деваја, затоа што сметал дека сторил тешка дисциплинска повреда, со тоа што не се изземал и учествувал како претседател во Советот во Врховниот суд, за предмет во кој тој бил адвокат на спротивната страна во постапка пред Основниот суд во Тетово во 2007 година.
Токму за овој случај Советот одлучи само да го опомене судијата Деваја, иако во 2018 година, за идентична ситуација немал дилема и разрешил управен судија.