Врховниот судија Наќе Георгиев од Струмица, Лазар Нанев и судијката Антоанета Димова се пријавиле за членови на Судскиот совет

by fokus

Врховниот судија Наќе Георгиев од Струмица, претседателот на Кривичниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев и судијката од Основниот суд Скопје 2, Антоанета Димова, неофицијално, се пријавиле на огласот за членови на Судскиот совет, откако судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радевска-Стефкова си поднесоа оставки од функциите.

Наке Георгиев е врховен судија за граѓанска област. Трансферот го направи од позицијата претседател на Апелацискиот суд Штип. Во биографијата на Георгиев е запишано дека станал судија во струмичкиот Основен суд во 1997 година, а во 2004 е избран за судија во штипска Апелација. Претседател на овој суд станал во ноември 2017.

Нанев го работеше и извештајот за злоупотребите на АКМИС системот во скопските судови, за кој Судскиот совет се изјасни негативно, тој е претседател и на Комисија за дигитализација на судството и заедно со поранешниот министер за правда, Никола Тупанчески и обвинителката Фатиме Фетаи со гратиси од ФФМ ја бодреа Македонија.

Кога беше избран за претседател на судот во Кавадарци, тогашниот состав на Судски совет му порача дека треба да биде судија, а не ТВ ѕвезда. Според неофицијални информации, за овие кандидати имало претставки до Судскиот совет за незаконитост и пристрасност.

Димова пак е долгогодишен судија во Граѓанскиот суд и се кандидираше и за Уставен судија.

Во среда, според соопштението од Судски совет, ќе се утврдат кандидатски листи по објавен Оглас за избор на членови на Судскиот совет на РСМ и тоа за 1 (еден) член од редот на судиите од апелационо подрачје Скопје и 1 (еден) член од редот на судиите од Врховниот суд на РСМ;

Ќе се формира Комисија за спроведување на избор за членови на Судскиот совет од редот на судиите и судиите ќе гласаат за кандидатите.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости