Врховниот судија кој чека разрешување, ќе одлучува за затворот на Груевски

by fokus

Судскиот совет, две години по поднесувањето на предлогот за разрешување во септември собра мнозинство и ги разреши од судиската функција претседателот на највисокиот суд, Јово Вангеловски и неговата колешка, Рахилка Стојковска, но го одложи одлучувањето за третиот судија, Ристо Катавеновски поради здравствени причини.

Иако и Катавеновски заедно со Вангеловски и Стојковска го даде својот глас за тоа бизнисменот Сеад Кочан да биде пуштен од притвор, Судскиот совет  уште нема донесено одлука за него, бидејќи тогаш беше болен. Во меѓувреме, Катавеновски се врати на своето работно место и го води предметот во кој се бара Врховен да ги преиспита казните затвор за случајот „Тенк“ за поранешниот премиер, Никола Груевски, како и за поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски.

Од септември поминаа неколку месеци, но Судскиот совет уште нема одлучувано за судијата Катавеновски. Од Судскиот совет за Фокус велат дека извештајот на Комисијата е готов и наскоро ќе биде ставен на седница на која треба да се гласа.

Додека не се донесе одлуката, како што објаснуваат од Судски совет, судијата може да постапува, бидејќи за него нема одлука за суспендирање.

Освен за Катавеновски, се чека одлука за жалбата што ја поднесоа Вангеловски и Стојковска до Врховниот суд. На трети јануари годинава, конечно беа формирани жалбените совети, кои ќе треба да одлучуваат по жалбите.

Советите бројат по девет члена од кои петмина се од највисокиот суд, а голем дел од судиите се изземаа поради различни причини.

Сега има рок од 30 дена, односно до 2 февруари да одлучат дали Вангеловски и Стојковска ќе бидат правосилно разрешени, или постапката ќе ја вратат назад во судски совет.

По разрешувањето на Вангеловски беше назначен нов в.д. претседател , Фаик Арслани кој го известил Судскиот совет дека Вангеловски чувал триесетина предмети во фиока. За ова е известен републичкиот јавен обвинител,како  и Антикорупциската комисија.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости