Врховниот суд на Израел пресуди против контроверзните судски реформи на владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, кои минатата година предизвикаа протести низ целата земја, јавуваат светските медиуми.
Во соопштението на Врховниот суд на земјата, како што пренесува Ројтерс, се наведува дека осум од 15 судии се изјасниле против амандманот усвоен од израелскиот Парламент – Кнесетот, во јули минатата година, со кој се укинува клаузулата за разумност која се користи од страна на судот за укинување на владините одлуки кои се сметаат за неуставни.
„Ова се должи на сериозното и без преседан нанесување штета на основните карактеристики на државата Израел како демократска држава“, стои во соопштението.
Нетанјаху тврдеше дека сеопфатниот пакет судски реформи претставен пред една година е неопходен за создавање баланс меѓу судската и политичката, односно извршната власт во земјата.
Противниците на ваквите реформи во судството, пак, предупредуваа дека со нив сè повеќе се отвора патот кон авторитарно владеење на Нетанјаху и дека тој може да ги искористи за укинување на евентуалните пресуди против него.
Одлуката на Врховниот суд да го поништи законот донесен од владата во 2023 година следи по неколкумесечни внатрешни превирања.