Постапката за отпочнување на стечај за неготинската винарија „Повардарие“ е привремено стопирана. Врховниот суд треба да одлучи кој основен суд ќе биде надлежен да го решава овој спор.
По најавите за стечај, лозарите утрово излегоа на протест пред велешкот суд, бидејќи се уште не им се исплатени парите за овогодишната реколта.
Винарската визба соработува со околу седум илјади лозари од Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион во Македонија. Во услови кога немаше каде да го пласираат грозјето, тие во најголем дел го предадоа во „Повардарие“. Лозарите сега се плашат дека ќе ги изгубат парите што им ги должи винарската визба ако таа оди во стечај.
Неготинскиот подрум на лозарите им должи околу 5 милиони евра за предадено грозје од годинашниот род.