Кривичниот совет на Врховниот суд денеска на седница затворена за јавноста ќе расправа во однос на барањето на Специјалното јавно обвинителство за законитоста при одлучување за притвор за градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко, и на градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески.
Во барањето за заштита на законитоста, пак, ќе се преиспитува и одлуката за притворот на градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески. Според барањето, одлуката е донесена во „непрописен совет“, односно поради тоа што судијата Јани Нича одлучувал во Кривичниот суд за предметот, а потоа станал судија во Апелација каде што повторно бил дел од судиите што одлучувал по предметот.
Највисокиот суд во судската хиерархија во февруари веќе одлучуваше и донесе одлука за предметот со Темелко, но одлуката, како што рече претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, не била верифицирана и не влегла во АКМИС-системот, што, според Вангеловски, остава простор за судиите кои одлучувале да побараат пререферирање на предметот, а потоа одлуката да биде потврдена.
Инаку, Темелко е еден од осомничените во првата истрага што ја отвори СЈО под кодно име „Титаник“ за изборни нерегуларности извршени во 2013 година, а Талески е првоосомничен во случајот „Транспортер“, во чии рамки тој и 22 лица се товарат за злоупотреби и за малверзации со превозот на ученици во Битола во вредност од 360.000 евра.