На денешната Општа седница на Врховниот суд се расправаше за прашања кое е од голем интерес на јавноста, за загадениот воздух.
Поточно, на дневен ред се најде Иницијатива за утврдување начелен став и начелно правно мислење поднесена од Адвокатско друштво Гоџо, Кичеец и Новаковски од Охрид, а која се однесува на загадувањето.
На Општата седница беше истакнато дека постои потреба од утврдување на начелен став во врска со повредата на правото на здрава животна средина, односно колку Републиката обезбедува, односно не обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина, согласно законски утврдените должности и надлежности во областа на животната средина, особено во делот на загадувањето на воздухот.
Претседателката на судот, Беса Адеми, истакна дека Врховниот суд е исправен пред предизвикот да расправа и одлучува за прашање кое е од суштинско и енормно значење за граѓаните и за заштитата на нивното право на здрава животна средина.
-Врховниот суд е исправен пред тестот на правото и правдата кој на највисокиот суд во државата му е даден согласно неговите уставни надлежности од два аспекти. Првиот аспект е улогата на Врховниот суд да обезбеди единство во примената на законите, преку Општата седница и на тој начин да обезбеди правна сигурност и правна предвидливост во согласност со уставната темелна вредност Владеење на правото, рече Адеми.
Таа истакна дека правото на здрава животна средина е загарантирано со Уставот на Република Северна Македонија во членот 43: “Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.”
-Според оваа уставна одредба, обврска на Републиката е на своите граѓани да им обезбеди услови за остварување на правото на здрава животна средина.
Законодавецот обезбедил судска заштита на уставно загарантираните права правa, меѓу кои правото на животна средина пред управното судство, и во таа насока утврдил посебна постапка.
Во оваа насока, предмет на расправата е повредата на правото на здрава животна средина, односно колку Републиката обезбедува, односно не обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина, согласно законски утврдените должности и надлежности во областа на животната средина, истакна претседателката Адеми.
Таа образложи дека една од законски утврдените цели на судската власт е заштитата, почитувањето и унапредувањето на човековите права и основни слободи и во оваа насока заштитата на уставно загарантираното право на здрава животна средина на граѓанинот.
-Исто така, кон прашањето за заштитата на здравата животна средина треба да се гледа и од аспект на Европската конвенција за заштита на човековите права, особено во светло на практиката на Европскиот суд за човековите права според кој, правата за заштита на животната средина се признаени граѓански права.
За тоа впрочем говори и неодамнешната пресуда на судот, донесена во месец април, која е од глобално значење, а се однесува на заштитата на климата како човеково право, истакна Адеми.
Судиите Џемали Саити, Мирјана Лазарова Трајковска и Сафет Кадрии истакнаа дека Општата седница расправа за прашање кое е многу важно прашање од висок јавен интерес за правото на граѓаните на здрава животна целина. Ова актуелно прашање заслужува поширока дебата со подлабока анализа, пред кое е исправена не само нашата држава туку и општество во целина, кога станува збор за преземање мерки и заштита од загрозување на човековите права.
Во таа насока, на Општата седница беше истакнато и значењето на судската пракса на Европскиот суд за човекови права која не се поврзува само во заштитата на индивидуалните, туку со правата на целото население.
Европскиот суд за човекови права ги охрабрува националните судови во ситуација на недореченост на законите, да покажат ширина во толкувањето и примената на законските одредби, со цел да се прати порака за позитивна обврска на државите да се заштити животот и здравјето на граѓаните.
Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија, поаѓајќи од потребата за утврдување на начелен став, како и од потребата за поширока јавна дебата, донесе заклучок дека во рамки на расправата да се повикаат и преставници од академската заедница и стручната јавност, а во насока на инклузивност на стручната расправа.
Како што дознаваме, покана прв ќе добие универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Валентина Вурмо