Врховен пред одлука- Дали пресудата за „Рекет“ ќе биде „зацементирана или разнесена“

Барањето за вонредно преиспитување на пресудите за ,,Рекет" стигнало пред седум месеци.

by fokus

Се очекува наскоро Врховниот суд да донесе одлука за случајот „Рекет“, односно да одлучи по поднесеното Барање за вонредно преиспитување на првостепената и правосилната пресуда за овој случај.
Во „Рекет“ екс специјалната обвинителка Катица Јанева беше осудена на 7 години затвор, а Бојан Јовановски-Боки 13 на 9 годишна затворска казна.

-Ве известуваме дека во Врховниот суд на Република Северна Македонија заведен е предмет Квп. КОК2. бр. 19/21 и по Барањето за вонредно преиспитување на пресудата се постапува, ни одговорија од Врховниот суд на прашањето на „Фокус“ дали судот донел одлука.

Барањето пак поднесено од адвокатите пристигнало пред седум месеци, односно Врховниот суд го добил на 21 септември минатата година.

Врховниот суд може да ја укине пресудата и да го врати случајот на повторно судење, или пак да ги потврди веќе донесените пресуди, со што Јанева и Боки-13 ќе ја изгубат и последната надеж за излез на слобода. Исто така Врховниот суд може да ги преиначи првостепената и второстепената пресуда и да ги ослободи од обвинение, но сепак праксата покажува дека врховните судии исклучиво ретко се одлучиле на ваков чекор.

Сепак, од одбраната се надеваат дека Врховниот суд ќе ги увиди грешките на Кривичниот и Апелациониот суд, кои тие ги предочуваат, и барем ќе ги укине пресудите.

Боки 13 е осуден за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а поранешната шефица на СЈО, Јанева, за злоупотреба на службената положба и овластување.

Обвинителството го гонеше Јовановски дека земал 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, за да заедно со Јанева го спасат од кривичен прогон за случајот „Империја“ кој го отвори СЈО. Во случајот обвинет беше и Зоран Милевски Кичеец, кој по признание на вина беше осуден на три години затвор.

Валентина Вурмо

Поврзани новости