Според денешната одлука, односно начелно правно мислење на Врховниот суд, по оддржана општа седница, врховните судии, не само што сметаат дека СЈО нема право да поднесе нови обвиненија по истекот на 18 месеци од добивањето на бомбите, туку не смее ниту да превзема предмети од редовното јавно обвинителство. Ова според одлуката на судиите значи дека СЈО, откако ги добило бомбите, смеело да води истраги и да поднесува обвиненија само првите 18 месеци, а секое дејствие остварено по овој рок да падне во вода.
-Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, како кумулативен услов, кој не може да биде пречекорен сметано од денот на прием на материјалите од неовластено следење на комуникации од член 2 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, и по истекот на тој рок од 18 месеци, не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка, пишува во соопштението на Врховниот суд.
Според ова одлука, врховните судии сметаат дека СЈО нема надлежност да ги води предметите „Империја“, „Актор“, „Попис“ и уште многу други кои ги превзеде од редовното обвинителство.
Сепак, правниците и обвинителите кои ги консултираше „Фокус“, појаснуваат дека оваа одлука на Врховниот суд не е обврзувачка, и дека Врховниот суд не е надлежен да толкува закони, бидејќи тоа го може само Собранието.
В.В.