Републичкото јавно обвинителство пред една недела достави мислење до Врховниот суд по барањето на осудените за случајот „27 април“ за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, со која беа осудени на долгогодишни затворски казни.
-Предметот беше примен во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и распореден кај надлежен јавен обвинител, кој детално ги проучи наводите на сите осудени лица. Изготвено е мислење по однос на нивните барања за вонредно преиспитување на пресудата и тоа е доставено до Врховниот суд, ни одговорија од Обвинителството.
Како што неофицијално дознава „Фокус“, Обвинителството смета дека Барањето за вонредно преиспитување на пресудата треба да се одбие, односно да остане на сила првосилната пресуда.
Претходно претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во интервју за „Фокус“ посочи дека предметот за „27 април“ кај нив пристигнал на 23 септември минатата година, по што веднаш бил пратен на мислење во Јавното обвинителство.
Врховниот суд може да ја потврди пресудата, да ја укине и да го врати случајот од почеток, или да ја преиначи правосилната пресуда.
Во текот на вчерашниот ден пак од адвокатската канцеларија Јанаки Митровски и адвокатската канцеларија Пешевски и Тимовски до Собранието поднесоа предлог Закон за амнестија на осудените за настаните од 27 Април 2017та година. Како што појаснуваат, со предлогот се бара сите оние кои се осудени на казни затвор до десет години да бидат ослободени од понатамошно издржување на казна, а за осудените над десет години да се ослободат од 50% казна.
-Како адвокат кој практикува кривично право, не наоѓам никакво оправдување за стореното. Но истовремено сметам дека не постои поголема неправда од селективна правда. А цела Македонија е сведок дека со Законот за амнестија од 2018та година, селективно беа амнестирани дел од осудените поради политичко лукративни причини па така Крсто е милионер, Рамчиловиќ амбасадор, Бетка демек ја судат итн. додека обичните смртници пуштени низ вода веќе шестта година скапуваат на робија.
Од тие причини, а како најголемиот дел од осудените имаат одлежано половина од изречените казни и се пет и пол години во затвор, и особено во насока на исправање на неправдата нанесена со селективната амнестија, го поднесуваме овој предлог Закон до сите пратеници од кои очекуваме да иницираат негово ставање на дневен ред, вели адвокатот Митровски.
Судскиот процес за 27 април беше е еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа извршители на упадот во парламентот и на нападите врз пратениците на актуелната власт, но по донесувањето на Законот за амнестија во 2018 година беа помилувани 15 лица.
Амнестијата ги опфати тогашните петтемина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски. Амнестирани беа и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен и Владо Јовановски. Игор Дурловски, кој беше во оваа група, воопшто и не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда која ја потврди и Апелацискиот суд. Со амнестијата се спасија и браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.
Апелацискиот суд им ги потврди пресудите на осудените од првостепениот суд, но им ги намали затворските казни за една до две години. Вкупно за 16 осудени доделени се 188 години затвор, при што на ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, му се намали казната од 18 на 16 години затвор. Обвинетите Влатко Трајковски и Никола Митревски – Кољо се осудени на казна затвор во траење од по 14 години, обвинетите Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, Мунир Пепиќ, Јане Ченто и Вилијам Михајловски на 13 години, Оливер Поповски, Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ на 11 години, Оливер Радулов на казна затвор во траење од девет години, Александар Василевски Нинџа на седум години и обвинетиот Абдуљифета Алими беше осуден на казна затвор во траење од шест години.
Валентина Вурмо