Врховниот суд донесе конечна пресуда за случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, со која ги одби како неосновани барањата на одбраната за вонредно преиспитување на правосилната пресуда.
Тоа значи дека тројцата осудени за убиството на хрватскиот ракометар – Анџело Ѓорѓиевски, Андреј Костовски и Клементина Левковска – ќе ги издржуваат долгогодишните затворски казни кои во ноември 2022 година им ги изрече Основниот Кривичен суд Скопје, а потоа ги потврди и скопска Апелација.
„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија одлучуваше по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, по предметот за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе пресуда КВП2-101/23, со која барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесени од осудените А. Ѓ., К.Л. и А.К. против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1768/22 од 30.11.2022 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-224/23 од 05.06.2023 година, ги одби како неосновани“, соопштија од Врховниот суд.
Во јули минатата година Апелацискиот суд ги потврди затворските казни од по 18 години за Анџело Ѓорѓиевски и за Клементина Левковска и 16-годишната казна затвор за Андреј Костовски кои ги изрече првостепениот суд.
Хрватскиот ракометар Денис Тот почина на 8 април 2022 година откако според обвинителниот акт вечерта на 7 април, тој бил претепан од Ѓоргиевски, Левковска и Костовски пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје.