Врховен ги одби барањата за вонредно преиспитување на пресудата за „Јавна соба“

by Фокус

Врховниот суд ги одби барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за пресудата за Јавна соба како „неосновани“. Со ова, нема промена во одлуката на изречените казни за Дарко Костовски и Михаил Паневски кои минатата година беа осудени на четири години затвор, обвинети за производство и дистрибуција на детска порнографија.

„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 29.03.2023 година одлучуваше по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда по предметот познат во јавноста како „Јавна соба”. Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе пресуда Квп2.бр.23/2023 со која барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1851/21 од 11.03.2022 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.588/22 од 24.11.2022 година, ги одби како неосновани“, се вели во соопштението од Врховен суд.

Во периодот од 19 декември 2019 година до 28 јануари 2020 година, двајцата обвинети, како основач и модератор на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата.

Според пресудата, со сигурност било потврдено дека детето кое учествува во чин на полово општење во порнографската содржина нема повеќе од 5 години. Дарко Костовски и Михаил Пановски иако имале обврска да го избришат видеото, не го сториле тоа ниту го банирале членот на „Јавна соба“ што го споделил видеото.

Во изречената пресуда за „Јавна соба“, каде беа споделувани експлицитни фотографии од девојки, нивни лични податоци, адреси, телефонски броеви и наводни тарифници за сексуални услуги, сепак судот не се занимавал со полнолетните жртви, туку ги осуди обвинетите за производство и дистрибуција на детска порнографија што е опасен облик на поттикнување сексуално насилство спрема деца и подразбира прикажување полови дејствија со малолетник.

Поврзани новости