Со правна помош и застапување на суд, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници од јануари 2018 година ќе влезе во одбрана на авторските права кај вработените во медиуми. Од ССНМ велат дека авторот има право на надомест и заштита на неговиот труд, без разлика дали се работи за новинар, фоторепортер или снимател, неговиот труд да биде платен и заштитен.
„Времето на непречено преземање фотографии, видео и авторски текстови на новинарите и медиумските работници мора да завршии. Преземање фотографии или авторски текстови како колумни без дозвола од авторот е казниво и ССНМ ќе застане зад сите кои се навистина оштетени со пружање правна помош и застапување на суд“, велат од Синдикатот.
ССНМ смета дека е крајно време до свеста на луѓето и до медиумите да стигне пораката дека авторските права мора да се почитуваат поради што сите учесници во медиумскиот бизнис мораат да престанат да бидат комотни кога преземаат фотографии и текстови на други автори. Незнаењето, неиформираноста или незаинтересираноста веќе не се и нема да бидат оправдување. Почитувањето на авторските права е законска обврска, а воедно е и еден од темелните принципи на новинарската етика.
„Обврската за почитување на авторските права ја наложува првенствено Законот за авторски права како лекс специјалис, меѓутоа таа обврска ја има и во Кривичниот законик на Македонија, што значи дека станува збор и за кривично дело. ССНМ очекува дека овој апел ќе биде сфатен сериозно и одговорно со што ќе се избегне некој да биде изложен на барања за паричен надомест и кривична одговорност, како и на дополнителни трошоци изразени во вид на адвокатски и судски трошоци и камата“, стои во соопштението од ССНМ.