Времето денеска ќе биде облачно и свежо, а на повеќе места во земјата ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во текот на денот се очекува локално да има невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер со брзина од над 70 километри на час и услови за појава на град.
Утринската температура ќе биде од 11 до 19 Целзиусови степени, а во текот на денот од 16 до 24 степени.
Во Скопје, според прогнозата на УХМР, времето денеска ќе биде облачно и свежо со врнежи од дожд.
Во делови од котлината ќе биде нестабилно со интензивен пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Температурата ќе биде од 18 степени наутрo, до 22 степени во текот на денот.
За утре се најавува променливо облачно и посвежо време. Во претпладневните часови ќе има повремени врнежи од дожд, а ќе дува и слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец.
Во Скопје утре претпладне ќе биде облачно, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Температурата утре ќе биде до 27 Целзиусови степени.