Време на „идиоти“, самопрогласени патриоти и фејсбук „ботови“

by Fokus

Сите ситни души, подмолни и просечни, најдоа закрила во политиката, сите транзициски измамници станаа богаташи, сите порази ги прогласивме за победи, сите неуспеси за успеси, а мизеријата и умоболноста за нормалност и среќен живот

Звонко ДАВИДОВИЌ

Последниве дваесетина години во општествово доминираат „идиоти“, самопрогласени патриоти и фејсбук „ботови“. Време е во кое сета слава ја наоѓаме во партијата, а во последно време и егзистенцијата, бидејќи без партиското амин, нема ни вработување. Сите ситни души, подмолни и просечни, најдоа закрила во политиката, сите транзициски измамници станаа богаташи, сите порази ги прогласивме за победи, сите неуспеси за успеси, а мизеријата и умоболноста за нормалност и среќен живот. Многу одамна нормалното стана ненормално, доброто воспитување – срам, а личното мислење – ерес.

Идиоти, секако знаете што се и кого нарекуваме идиоти, а истото значење го имал овој израз уште во стара Грција. Неписмен, неук, неспособен, неупатен и тој нема никаква врска со овој израз што се употребува во психологијата и дефектологијата. Идиотите можете да ги сретнете секаде, на секој чекор, во секоја сфера на општественото живеење. Се размножуваат со геометриска прогресија и меѓусебно се поврзуваат, создавајќи мрежа што функционира како интернет, зависно кое копче ќе го стиснеш, таков одговор и ќе добиеш.

Многу лесно се препознаваат, имаат еден замислен израз на лицето како да ги решаваат сите проблеми на светот, но погледот ги издава, очите им се благо зачудени, а погледот благотап и се губи некаде во далечина. Знаат сѐ за секого и сѐ за сешто, за секоја тема расправаат како да се експерти, доктори, селектори, адвокати, а во суштина се едно големо ништо со матрица на која е снимен материјал собран којзнае од каде и кога, и едно те исто, врти ли врти.

НАЈИСПЛАТЛИВО Е ДА СИ ПАТРИОТ

Денес е најисплатливо и наједноставно да си патриот. Не треба некакво големо знаење, не треба ниту да си некој голем говорник, поминува секаде и на секое место и во секоја партија. Никаде никогаш ништо не направиле за државата и за народот, освен што урлаат по митинзи и досадуваат на поблиски и подалечни роднини со патриотските чувства и монолози, но се сметаат себеси за браник и бедем на националната кауза, која е интересна затоа што го полни џебот.

Лесно е да се препознаат и овие самопрогласени патриоти, затоа што во недела слушаат македонски патриотски песни пред ручек, летуваат во Грција, зимуваат во Бугарија и имаат бугарски пасош. За Христијан Тодоровски Карпош мислат дека е населба, Даме Груев – училиште, а Никола Вапцаров – улица. Никогаш ништо не прочитале од македонски автор, освен програма на партијата и веруваат дека земјата е рамна, а Македонија е таму некаде до Монголија, каде што Александар стигнал.

Тоа што живеат со 14.000 денари, работат одвреме навреме, лепејќи плакати или на договор на дело во време кога е нивната политичка опција на власт, не е важно, важно е сонцето од Кутлеш. Другиот дел, пак, од самопрогласените патриоти кога ќе се приграби до власта и ќе седне во фотелја, своите патриотски чувства и мисли полека почнува да ги трансформира и калкулира во евра и денари, или во поцврста валута-плац со маркица, и тоа најчесто во Грција или во Србија.

СОФТВЕРСКИ РОБОТИ

Фејсбук-бот или само бот е скратен назив за софтверски робот, софтверски агент, кој извршува едноставни и структурно повторувачки задачи и може да се користат и за злонамерни напади, особено во политички кампањи. Во преносно значење, овој поим се користи за припадниците на интернет-тимовите на политичките партии, чија должност е да пишуваат коментари за поддршка на своите партии и своите лидери на веб-порталите и на социјалните мрежи, вршејќи на тој начин влијание врз јавното мислење.

Но, овој поим се користи и за луѓето што се постојано на Фејсбук и како симпатизери на определена политичка опција постојано ги напаѓаат или ги коментираат луѓето кои во своите коментари не се согласуваат со својот лидер или ја критикуваат актуелната состојба, која е резултат на лошо владеење на определена партија.

Коментарите на овие ботови се обично надвор од контекстот на темата, со лични навреди или етикетирања или глупави коментари, кои се обидуваат да бидат смешни. Ако некој искоментира како економијата не е добра, а живејачката тешка, веднаш следува коментар како било под власта на другите, како твојата професија е лоповска, ти си преварант, а тоа што го пишуваш е глупост. Арно ама, истите тие ботови што пишуваат и плукаат, најчесто имаат лажен профил, подебело полициско досие и судски пресуди за измама, фалсификат или даночно затајување, а кога ќе го затворат виртуелниот свет на Фејсбукот, не знаат што да прават со себе затоа што се никој и ништо во реалниот свет.

На крај ќе ја завршам колумната со еден цитат „Жал ми е за сите неслободни луѓе што треперат над сопствената егзистенција и кои станале робови на сопствената судбина, жал ми е за сите оние што слепо се држат за едно место затоа што не се за ниту едно друго, жал ми е за интелектуалците кои мислат дека се миленици на власта, за сите полтрони и оние кои туѓото мислење го соопштуваат како свое, жал ми е за сите оние кои веруваат дека значат нешто во очите на оние на кој не им значат ништо, жал ми е за оние кои не знаат ништо за вистината, за интелектуалците кои лесно се откажуваат од своето мислење, жал ми е за оние кои сакаат да успеат на туѓа штета и кои ги мразат луѓето поспособни од себе…“

Поврзани новости