Публиката може да очекува одлично спакувана приказна во која ќе уживаат и најпребирливите, а оние кои сакаат да уживаат во убавата македонска песна на 29-ти ноември со себе треба да понесат само добро расположение, велат членовите на групата ,,Дрим тим”, кои со концерт во МНТ ќе одбележат 25 години на сцената.
Бендот започна да функционира во далечната 1999 година, и во тогашната постава членуваа Никола Коцев, Маријан Коцев, Александар Ангелов, Сашко Велков, Ангел Ќосев и Гоце Илиоски.
Сегашната постава на ,,Дрим тим”, пак ги вбројува Дејан Николовски – Чуле (вокал), Никола Коцев (труба), Димитар Митровски (хармоника), Александар Ангелов (кларинет/сакс), Ангел Ќосев (клавијатура) и Гоце Илиоски (тапани).
На сцената на МНТ ќе се појават и нивни колеги со кои соработувале низ годините, и тоа Синтезис, Влатко Лозановски, Маријан Коцев, Сузана Гавазова…
-Долго размислувавме и сонувавме за ваков концерт, со оглед на приликите на домашната сцена можеби малку и се колебавме, но време е музиката да излезе од летаргијата во која е западната и конечно работите да почнаат да се придвижуваат.
Можеби чекавме предолго, но ете се охрабривме и решивме дека едноставно мораме да ѝ се оддолжиме на нашата публика заради која и постоиме, раскажаа членовите на бендот.
,,Дрим тим” е еден од ретките бендови кај нас кој може да се пофали со гостувања на сите континенти, со настапи на речиси сите фолк фестивали во земјава, а се актуелни и со настапите во живо.
Билетите за јубилјениот концерт се пуштени во продажба по цени од 500 и 800 денари.
Вики Клинчарова