Мицкоски, без да се воздржува, разголувајќи ја својата авторитарна амбиција, го раскажува својот сон за неопределен, неограничен политички мандат, ослободен од нормативните стеги, во кои тој ментално ќе биде над Законот, над Уставот. Во неговата политичка визија, сѐ е подредено на него, на неговото безвластие во умот, кое сонува да го прелее во општеството.
Пишува: Фатмир БИТИЌИ
Не постојат општествено трауматични чинови што се случуваат наеднаш, неподготвено, без претконтекст, без причина, без развој на услови што ќе доведат до нивна појава.
Временскиот момент на нивната манифестација е само конкретизација на многу фактори и процеси, кои на чинот, појавата, претходат, ја предусловуваат и ја најавуваат.
Во шок и неверување го прифативме последниот ужасен чин на убиство на малолетно девојче, монструозен по својата најдлабока природа, но тоа не е доволно.
Треба да извлечеме поука, да се соочиме и дадеме одговор на дел од причините што доведоа до овој непосакуван насилен чин.
Одговорноста пред јавноста ја имаме сите ние, како родители, како професионалци, како носители на јавни функции, секој еден граѓанин на државата, да ја извлечеме поуката и да поставиме вредносна рамка за отфрлање на насилството во општеството.
Социјалните корени на насилството навлегуваат длабоко во сложената структура на општеството, честопати, во еден дел, произлегуваат од системските нееднаквости, економските разлики или од различни нерешени проблеми.
Во обидот да се даде одговор, да се превенира, одговорноста лежи во голема мера на рамениците на политичарите што имаат моќ да влијаат врз обликувањето на социо-политичкиот контекст на развојот.
Кога политичката битка ќе се сведе на инстинктивно ниво на сочувување на власт или борба за нејзино освојување, ослободена од какви било благородни идеали, мотиви или вредности, политиката преминува во еден простор, во кој насилството добива своја легитимација.
Кога политичкото милје ќе се дозволи да се разлее вон вредносни рамки, вон разумни позиции, кога релативизирањето претендира кон врховен општествен принцип на (не)уреденост, тогаш се соочуваме со флуидност, во која моралните граници се нагризуваат, се создава поволна средина и за монструми, кои повод за својата деструкција ќе пронајдат и во најбаналната работа.
Што треба да не правиме за да не завршиме во една ваква атрофирана состојба, одговорот го скицира претседателот на ДПМНЕ во едно неодамнешно телевизиско интервју.
РАЗОТКРИВАЊЕ НА АВТОРИТАРЕН ЛИК
Зборувајќи за ужасот што нè потресе, меѓу другото, енергично му порачува на министерот за внатрешни работи, Спасовски, дека „ако ја напаѓа опозицијата преку овој полусвет и мене лично и моето семејство дека на тој начин ќе обезбеди мир за себе, но нема да обезбеди мир додека сум јас жив“.
Не посочува на евентуално прекршување на законски одредби или системски процедури, туку егоцентрично, тој е повреден или навреден.
Не е во прашање мирот на системот, туку неговиот личен спокој. Оваа реторика, проткаена со нескриена закана за присила, за насилство, разоткрива авторитарен лик.
Тој, лично тој, а не судската власт или која било друга институција ќе испорачува мир или немир на некого.
Најавува лично мотивирани политички пресметки. Не зборува, не ветува системски решенија, не најавува институционални одговори на евентуални аномалии, не, тој, лично тој, носителот на апсолутната моќ е тој што ќе пресудува, ќе одлучува дали некој ќе биде спокоен или не, тој мечтае да е привилегиран арбитер за нечиј мир дали ќе биде сочуван или не.
Мицкоски, без да се воздржува, разголувајќи ја својата авторитарна амбиција, го раскажува својот сон за неопределен, неограничен политички мандат, ослободен од нормативните стеги во кои тој ментално ќе биде над Законот, над Уставот.
Во неговата политичка визија сѐ е подредено на него, на неговото безвластие во умот, кое сонува да го прелее во општеството.
Оваа политичка позиција не води кон развој на општествени структури, кои ќе вродат со мир и толеранција меѓу граѓаните, затоа што тој порачува „не е важен системот, важен сум јас.“
Што е тоа што може да нѐ одведе кон остварување на благородната цел за здраво општество?
Политичките актери мора да поттикнуваат и градат атмосфера на единство, дијалог и разбирање, на адресирање на основните причини за насилството, а не само на неговите симптоми.
ПРАВДАТА СТАНА ЕРЕС
Затоа е важно да создаваме и спроведуваме политики што ќе ги премостуваат општествените поделби, кои ќе ја поставуваат основата за хармоничен и ненасилен соживот, насочувајќи го општеството кон иднината, каде што емпатијата и соработката ќе преовладуваат над раздорот и непријателството.
Можеби сето ова изгледа тешко, но лесно е кога вредносно ќе ги втемелиш своите ставови, кога ќе се надминеш себеси и општото добро ќе го поставиш како примарна цел, а патот до неа, идеолошки може да биде либерален или социјалдемократски, но не и националистички.
Политиката изобилува со ветувања, со желби и намери за унапредување на животот, но сето тоа, многу ретко доаѓа од вредносни позиции, уште помалку од хуманистички. Дали заборавивме на нив?
Прифаќањето на основните хуманистички вредности и принципи е од суштинско значење за негување на општество, кое дава приоритет на благосостојбата и достоинството на секој поединец.
Секоја политичка агенда треба да го препознава и нагласува човечкото достоинство, да ја конструира секоја политичка акција во насока на препознавање и почитување на вроденото достоинство на секоја личност, независно од нејзиното потекло, етнички идентитет, религиозна припадност или неприпадност, или, пак, социо-економски статус.
Да зборуваме почесто за еднаквоста, за општество каде што сите поединци ќе уживаат еднакви права и можности, еднаква заштита од законот.
Правдата стана како ерес, прогонувана. Политичките амбиции да ги фокусираме на создавање правичен и непристрасен систем, кој ќе обезбедува правда за сите, кој ќе ги адресира општествените нееднаквости и ќе штити од дискриминација.
СТРАВОТ – НЕПРИЈАТЕЛ НА СЛОБОДАТА
Сочувството и емпатијата не се туѓи вредности на политиката. Да, туѓи ни се, ако не ги прифаќаме, не ги посејуваме, не се бориме за нив.
Емпатијата и сочувството мора да надвиснуваат над секоја политичка одлука, да нè уценуваат, да бидат вградени во неа, да ја дефинираат.
Секоја одлука треба да биде до крајни граници отворена кон различните потреби и предизвици со кои се соочуваат поединците во нашата заедница.
Човековите права, ги споменуваме, ги среќаваме во јавниот простор, но дали доволно за да се вгнездат во свеста на политичките актери? Ова е една од основните лекции, која и колку да сме уверени дека ја знаеме, треба да ја повторуваме, да ја споделуваме во јавноста.
Заштитата на човековите права, вклучително слободата на говорот, собирањето и изразување, поттикнува општествена средина во која секој ќе може да живее без страв.
Стравот е главниот непријател на слободата. Треба да ја посакуваме слободата, не само за себе, туку и за сите граѓани, да ја подигнеме на политичкиот пиедестал.
Дали станавме општество кое е солидарно само во болката, во страдањето, во несреќата?
Во структурата на општеството постојат некои пукнатини во солидарноста, кои одредени актери ја препознаваат како шанса да внесат раздор, да поларизираат по основ на различности.
Треба да го градиме чувството на заедничка одговорност и поддршка меѓу граѓаните, не само во несреќите, туку и во напорите на подобрување на животот, на образованието, на здравствениот систем и другите сектори. Општествената благосостојба, освен индивидуален, бара и колективен, солидарен напор.
Патеката кон општественото единство, во сузбивањето на предусловите за насилството води и низ инклузивноста.
Системот е инклузивен ако создава подеднакви можности за припадниците на сите членови на општеството, кога ги почитува и слави различностите.
Ужасните чинови на насилство, спроведени од монструми, не се резултат на игра на случајот, тие имаат свој корен во многу сложени процеси, кои се случуваат во општествената структура.
Ова не е несовладлива состојба, потребна е само политичка волја, а најголем дел, решението на проблемот ни го даваат хуманистичките вредности и принципи на уредување на општеството.
(Aвторот е потпретседател на СДСМ)