„Вреди“ за рокот од шест месеци за уставните измени: Не ги забораваме обврските, но решението не може да биде еднострано

by fokus

Со оглед на шпекулациите и различните толкувања околу нашата позиција за рокот од шест месеци за уставните измени како чекор кон продолжување на патот кон ЕУ, од коалицијата „Вреди“ во соопштението нагласуваат дека новата влада, во која нивната коалиција е одговорен и активен партнер, е цврсто посветена на ЕУ агендата.

„Активно работи на достоинствено исполнување на условите за динамизирање на процесот кои водат кон полноправно членство во Европската Унија. Ние, министрите од „Вреди“, отсекогаш сме демонстрирале највисока посветеност кон европските интеграции – не само со зборови, туку и со дела. Рокот од шест месеци не е само временска рамка, туку обврска која ја разбираме и почитуваме“.

Сепак, како што појаснуваат, мора да постои политичка логика и реалност.

„Дали има 2/3 мнозинство во Собранието без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ? Не, нема. И тука лежи суштината: процесот на интеграција бара соработка, зрелост и одговорност од сите политички субјекти. „Вреди“ не ги заборава обврските, но и потсетуваме дека решението не може да биде еднострано.

Владата има јасен план, стратегија и акциски чекори кои се преземаат секојдневно. Нашата поддршка, не само сега, туку и во минатото, спасуваше клучни процеси. Со еден таков чекор обезбедивме старт на преговорите со ЕУ“, потенцираат од коалицијата.

Апелираат до сите општествени чинители, вклучувајќи ги политичките партии, да престанат со ситни политички манипулации на сметка на ЕУ интеграциите. Според „Вреди“ европската иднина е над политиката на дневни калкулации.

Поврзани новости